Алајнери

Што претставуваат проѕирните фолии за исправување на забите - АЛАЈНЕРИТЕ? - Д-р Сашка Благоевска

Алајнерите последната деценија претставуваат најнов револуционерен метод во современата ортодонција за исправување на заби, метод кој ги задоволува сѐ поголемите естески барања од страна на пациентите кои се заинтересирани и имаат потреба од ортодонтски третман.
Дигитализацијата во стоматологијата има огромен успех во делот на ортодонцијата, каде имаме дигитално пренесување на ортодонтските анализи во софтвер со кој понатаму, со помош на специјалистот ортодонт, му се даваат насоки на софтверот за да се направи една симулација до завршување на третманот и изработка на потребниот број на алајнери, односно т.н. невидливи фолии исправувачи.
Можностите на ортодонтскиот третман со алајнери во последните години се повеќе станува конкуретна терапија со останатите изборни опции, односно класичните протези со кои секој искусен ортодонт третира и покомплексни малоклузии.
Почетоците на оваа технологија имаше ограничени можности, па бенефитот можеа да го почувствуваат само оние пациенти кои имаа помали искривувања на забите. Денес имаме и комбинација на овој вид терапија со други помошни апаратчиња, кои се дел и од класичната ортодонција, како што се мини имплантите, сегментната ортодонтска терапија за придвижување на долната вилица напред, максиларните палатинални проширувачи, и на тој начин се подигнува квалитетот на оваа ортодонција од лесна и естетска на темелна и сериозна терапија.
Целата процедура започнува со земање на дигитален отпечаток, скен од двете вилици со нивните меѓувилични односи, дентални фотографии, како и дигитални рендгенски снимки од пациентот. Сите овие информации се пренесуваат во ортодонтски софтер, каде специјалистот ортодонт прави анализа на случајот и започнува виртуелната терапија. Се поместуваат забите постепено, со придвижувања од 0.25 до 0.3мм во една фаза сѐ до завршниот посакуван резултат. На крајот се добива симулација од целиот случај каде го гледаме резултатот од терапијата уште на самиот почеток. Тоа може да го види и пациентот и да добие претстава за изгледот на неговите заби подоцна.
Вака подготвената анализа штом се одобри и од пациентот се подготвува за изработка на самите фолии, кои се многу тенка цврста пластика во неколку дебелини, кои многу интимно налегнуваат на забите и прават мал притисок врз нив до зададеното придвижување. Зависно од комплексноста на случајот, се изработуваат и толкав број на фолии и се менуваат редоследно, како што настануваат поместувањата на забите. Секоја фолија се носи од 7 до 14 дена по 22 часа во денот, односно се вадат само за јадење и пиење на топли пијалаци и, нормално, за орална хигиена.
Третманот е однапред предвидлив, и временски и тераписки, се знае точниот број на фолии и доколку пациентот ги следи упатствата од страна на ортодонтот, терапијата ќе заврши во одредениот временски рок.
Пред да се започне терапијата со алајнери, можно е да треба да се направи мала подготовка на забите, односно поставување на атачмени и т.н. стрипинг, односно мало состружување на забите во местото на нивните контакни точки.
Предноста на оваа терапија е што пациентот може да го добие својот случај комплет, но сепак контролите од ортодонт се посакувани.
Покрај оваа предност, терапијата со алајнери е навистина комфорна за пациентот, естетска, нема ограничување во исхраната, оралната хигиена не е загрозена што можеби е најголемата придобивка, чувството и самодовербата на пациентот дека може да ги извадат и повторно да ги вратат фолиите им дава слобода која е една од главните причини поради кои пациентите лесно се разубедуваат во донесување на одлуката за класични протези.
Современата ортодонција значи многу повеќе од исправување на забите, без разлика која технологија ќе ја примени ортодонтот. Терапијата мора да ги корегира меѓувиличните односи, позицијата на вилиците во черепот, да се избалансираат виталните функции кои ќе му дадат на пациентот здрава и убава насмевка, па дури и со алајнери, бидејќи ортодонтскиот третман никако не е козметичка стоматологија.
А за оние пациенти кои не се откажуваат од својот комфор, ортодонтските алајнери се соодветниот ортодонтски третман без голема ангажираност на пациентот, невидливо, комфорно и брзо.

Д-р Сашка Благоевска

Закажете консултација

+389 2 2784 380