ДЕНТАЛНА НЕГА

Еден-два збора за правилна орална хигиена и превентива кај доенчиња и деца

д-р Добрила Кангова

 

 

Зошто е важно здравјето на млечните заби и како тие влијаат врз развојот на трајните?

Правилната и редовна орална хигиена, редовните стоматолошки прегледи, како и здравата исхрана се клучни за оралното здравје. Стекнувањето навика за одржување правилна и редовна орална хигиена треба да започне уште од мали нозе бидејќи здравите млечни заби се основа за здрави трајни заби. Ако кариесот не се третира навреме кај млечните заби, постои опасност да се пренесе кај трајните заби или да доведе до прерана екстракција. Млечните заби имаат важна улога во џвакањето и во процесирањето на храната. Тие ја одредуваат позицијата на трајните заби, го артикулираат говорот и го отсликуваат целокупното здравје.

Кои се најчестите грешки поврзани со оралното здравје на млечните заби?

 

За жал, кај широките народни маси сѐ уште постои мислење дека здравјето на млечните заби не влијае врз развојот на трајните и дека стоматолог треба да се посети само при забобол. Треба заеднички да се стремиме да го искорениме ова сфаќање и да ја потенцираме важноста на оралното здравје. Грижата за оралното здравје почнува најдоцна до шест месеци по појавата на првиот заб, кога стоматолошкиот преглед е задолжителен. Честопати децата заспиваат со шише со млеко во креветот или засладена цуцла, а тоа води до размножување на бактериите во усната празнина што ја обработуваат храната и произведуваат киселина што ги деминерализира забите. Излачувањето на плунката, која е природен исплакнувач, се намалува во ноќните часови, па затоа треба да се избегнува горенаведената практика. Исто така, пролонгираниот период на шмукање цуцла може да доведе до искривување на забите, проблем во говорот, како и потреба од носење ортодонтски апарат. Кога станува збор за исхраната, засладената храна, газираните пијалаци, карамелите и храната што се лепи за забите, не треба да ги има во детското мени. Иако кашичките се главен дел од исхраната на децата, непцата се појаки и поздрави доколку се внесува тврда храна. Така се овозможува зголемен проток на крв во непцата, се поттикнува раст на нови запчиња и се зајакнуваат изникнатите.

 

Како да одржувате правилна орална хигиена кај децата и доенчињата, но и што треба да направите за да ја спречите раната појава на кариес?

 

Одржувањето орална хигиена почнува кога се раѓаме. За да одржувате правилна орална хигиена кај доенчињата, навлажнете стерилна газа со топла вода и избришете им ги непцата. За таа намена може да користите памук намотан на стапче и натопен во физиолошки раствор. По шест до осум месеци, кога ќе се појават првите запчиња, потребно е да се четкаат со детска паста (со флуор до 1000 ppm) и четка за заби. Количински пастата не треба да биде повеќе од зрно ориз. Кога бебето ќе наврши една година, четкајте му ги забите двапати по две минути наутро и навечер. Се смета дека од 12-годишна возраст детето е подготвено самостојно да ги четка забите и да користи забен конец. Во случај на тешкотии со употребата на забен конец, постојат и интердентални четки што се многу лесни и интуитивни за употреба. Секако четката за заби треба да има меки влкна и да не се натопува со вода пред да се мијат забите бидејќи така се намалува нејзиното дејство. Најдобро е забите да ги четкате половина час по оброк, со цел да се заштити забниот емајл. Со појавата на првите трајни молари, препорачливо е да се залеат фисурите на забот. Всушност, тие се јамички на забите во кои најлесно се задржува храна, а со неправилно четкање се најсклони кон кариес. Залевањето на фисурите всушност помага  да се продолжи животниот век на трајните молари. Овој зафат е целосно безболен и се изведува само на здрави заби, со цел да се спречи појава на кариес. Залевачот е материјал со двојна функција: механичка и превентивна. Под механичка се подразбира создавање бариера меѓу храната и забот, а под превентивна е токму спречувањето на кариес и потхранување на забот со флуор. Да не заборавиме, редовните стоматолошки прегледи се клучни за навремените совети, како и раната детекција на кариес кај децата.

 

 

Која храна е добра за забите?

 

Зеленчукот и овошјето што се богати со растителни влакна природно ги чистат забите и помагаат при излачувањето на плунка. Млечните производи, како млекото, јогуртот, кефирот и сирењето, се богати со калциум и фосфати што помагаат за заштита на забниот емајл. Морската храна, грозјето, црниот и зелениот чај се одлични извори на флуорид. Секако, водата е најважен извор за внесување на овој минерал. Без оглед на исхраната, најважно од сè е правилното и редовното четкање на забите наутро и навечер по две минути, во текот на денот половина час по секој оброк или ако не сте во можност, џвакајте гума за џвакање без шеќер. Употребата на забен конец е задолжителна пред четкањето на забите.

 

Закажете консултација

+389 2 2784 380