
ДЕНТАЛНА НЕГА
Како до совршена дигитално дизајнирана насмевка?
Технолошкиот напредок во стоматологијата, односно нејзината дигитализација придонесе во последната деценија на многу повисоко ниво да се издигнат посебно естетските протетски изработки, при што се задоволуваат највисоките критериуми за биофункционалност, естетика и благородност на материјалите од кои се изработуваат... На задоволство на сите, како посебен сегмент во кругот пациент - заботехничка лабораторија - стоматолог.
Можеби во изминатиот период луѓето имале погрешна перцепција за протетските изработки или биле навикнати да се задоволуваат со просечно добри, просечно убави вештачки заби и со тоа им се губеле самодовербата и слободата на спонтаната насмевка. Но тоа премногу се смени и денес, секако, оправдано треба да бараме совршенство од функција, естетика и природност и кај вештачките заби бидејќи тоа е реалност, посебно кај безметалните порцелански коронки и ламинати.
Во денешно време со помош на компјутерските софтвери за дизајн на насмевка, пациентите имаат можност да добијат реална слика за својата состојба по добивањето на новите заби, да имаат фотографија со новата насмевка уште пред да се започне со работа, со што стравот од исчекувањето на резултатот се доведува до минимум.
Таков компјутерски софтвер е DIGITAL SMILE DESIGN - DSD, кој претставува посебен протокол за план на третман, кој овозможува внимателни и прецизни анализи на лицевите и на денталните структури на пациентот, преку современа компјутерска анализа на фотографијата од моментната состојба на пациентот и скенираните дентални структури. Овие анализи се многу важни и неопходни во задоволувањето на сите естетски и функционални параметри во однос на бојата, формата и поставеноста на новите безметални коронки и ламинати.
Секој пациент што има напукнати заби, раздвоени, пребоени, малку искривени, некогаш преголеми, а некогаш премали е совршен кандидат за SMILE MAKEOVER со помош на DSD. И секој пациент што посакува да има совршено убава насмевка, но се плаши од промената на изгледот и како евентуално би се вклопиле новите порцелански ламинати во неговиот лик е кандидат за овој третман бидејќи токму тоа ни го овозможува овој софтвер - да нема никакви непријатни изненадувања на патот до посакуваната холивудска насмевка. Кога пациентот се двоуми дали сака новите ламинати да бидат поприродни или, пак, побели многу лесно може да се смени нивната боја во дизајнот и пациентот да има реална слика за неговиот изглед со различна боја на забите.
Поради тоа, со помош на софтверот DSD, пациентот, лекарот и заботехничката лабораторија заедно ја креираат новата насмевка, следејќи ги естетските параметри на линијата на насмевката, биофункционалноста и естетските критериуми на пациентот во согласност со неговата возраст.
Пред каква било интервенција на забите, пациентот има реална слика за неговата евентуално нова насмевка, а подоцна самата изработка е со огромна прецизност во однос на компјутерскиот дизајн бидејќи технолошкиот напредок ни овозможува тој дизајн директно да се моделира, да се принта машински. Кај некои пациенти не е потребна никаква подготовка на забите, а кај некои треба да се направи минимална интервенција, но и тие подготовки можат да се направат пред дизајнот, а подоцна само да се пренесат кај пациентот.
Севкупно, со овој компјутерски софтвер навистина имаме огромна прецизност во изработката на порцеланските коронки или ламинати и можност за задоволување на највисоките естетски барања на пациентите, при што однапред се добива реална слика за новата насмевка.


