
Ендодонција
Со ендодонтски третман до успешно зачувување на забите
Што, всушност, претставува ендодонтското лекување на забите?
Ендодонтското лекување на забите, всушност, е отстранување на воспалителните процеси и промени во цврстите ткива на забот (периапикално ткиво) што настанале како резултат на ненавремено саниран кариес, механичка и хемиска повреда и траума на забот.
Каков е текот на ендодонтското лекување?
При посета на стоматолог најпрво се прави рендгенска снимка, со цел да се утврди и да се локализира точниот причинител на болката и проблемот. Во зависност од фазата на воспалителниот процес, ендодонцијата може да има правци на санирање. Треба да се напомене дека процесот на ендодонтско лекување е безболен. Во првиот случај, ако се работи за витален (жив) заб, интервенцијата започнува со анестезирање. Во вториот случај, ако процесот прогресирал подлабоко, односно веќе се зафатени коскените структури и настанале посериозни воспалителни процеси значи дека забот не е жив (некротизиран/авитален) и интервенцијата не започнува со анестезија.
Кои се симптомите што укажуваат на ендодонтско лекување?
Силна болка при џвакање на храната или сензитивност на топло и на ладно се најчестите показатели за ендодонтско лекување. Исто така, појавата на оток, создавањето на гнојно ќесе и постојан, пулсирачки забобол што е понагласен во ноќните часови може да бидат индикатори дека е време или веќе доцна за ендодонтско лекување.
Кои се придобивките од ендодонтското лекување?
Една од најголемите придобивки на ендодонцијата е зачувување на забот од екстракција (вадење), а со тоа и избегнување на заздравувачкиот процес. Исто така, со зачувување на забот се спречува губење на коската. Со губењето на коската, пак, се отежнува процесот за протетска реставрација.
Од естетска гледна точка, уште една придобивка е тоа што забот останува и извршува иста функција, што не би било во обратен случај.
Кои се фазите на ендодонтското лекување и колку време е потребно да се заврши целиот третман?
Фазите за успешно завршена ендодонција имаат индивидуален пристап, во зависност од патологијата и сериозноста на воспалителниот процес. Секако, треба да се напомене дека кај секој организам е различно времетраењето, во зависност од патологијата и имунитетот на лицето. Прво се обработуваат каналите од коренот на забот, се отстрануваат сите патолошки промени и нечистотии, па во зависнот од тоа дали забот е витален или авитален, стоматологот одлучува во колку сеанси ќе се заврши третманот.
Дали постои гаранција за долготрајноста на забот по ендодонтскиот третман?
Доколку правилно се изврши ендодонтската терапија, според сите здравствени правила и протоколи, успехот за зачувување на забот е гарантиран. Секако, најважни се редовната и правилната орална хигиена, како и редовните стоматолошки прегледи.
Корона дентал-Гевгелија


