
Имплантна терапија
Имплантна терапија и видови имплантно-протетски решенија
Докажано е дека имплантната терапија е најдобро решение кога недостасува еден заб или станува збор за целосна штрбавост. Покрај максималната функционалност и естетика, имплантите го спречуваат губењето на коскената маса и овозможуваат сигурна стабилност на протетските конструкции. Сепак, треба да се потенцира дека имплантната терапија има индивидуален пристап во зависност од целокупното здравје и густината на коскената маса во вилиците кај поединецот. Поради тоа, од исклучителна важност за имплантологот е да ја знае точната анамнеза, т.е. историјата на болести, како и употребата на месечна терапија, со цел да се одреди дали лицето е кандидат за имплантна терапија.
Ако имате автоимуни, срцеви, системски или ревматски заболувања, рак или моментно примате хемотерапија, како и примате антикоагулантна терапија, треба задолжително да го известите вашиот стоматолог. Сепак, некои системски заболувања, како што се дијабетесот и високиот крвен притисок, кои може да се контролираат и да се регулираат со редовна терапија, не претставуваат целосна контраиндикација за поставување импланти. Покрај анамнезата, исто така, треба да го известите имплантологот дали претходно сте носеле протетско решение (фиксно, мобилно или комбинирано), како и колкав е временскиот период на штрбавост.
Исто така, за да се утврди состојбата на виличната коска, потребно е да се направи 3D CBCT панорамска снимка, со цел да се утврди ресорпцијата (губењето) на коската. Всушност, колку што е подолг периодот на штрбавост, толку е поголема ресорпцијата на коската. Интересен факт е дека кога недостасува дури и еден заб, соседните заби се придвижуваат, со цел да го затворат просторот, а тоа придонесува за појава на дополнителни компликации. Поради тоа, искрениот пристап и навремениот стоматолошки преглед се од клучна важност за успехот и за долгиот век на траење на имплантната терапија.
Која е разликата помеѓу имплантите и другите протетски решенија?
Имплантите се изработени од титаниум што при поставувањето се сврзува со коската (осеоинтеграција), која го препознава коренот на забот како природен. Овој процес трае од четири до шест месеци и се препорачува да се консумира помека храна. Откако имплантологот ќе утврди дека овој процес е завршен, пристапува кон поставување на коронката. При утврдување на индивидуалниот план за третман, постојат повеќе импланто-протетски решенија. На пример, при целосна штрбавост може да се постават протетски конструкции на четири, шест или осум импланти што може да бидат мобилни и фиксни. И двата вида овозможуваат еднаква распределба на џвакалниот притисок, имаат максимална стабилност и овозможуваат да се консумира каква било храна, што не е случај со мобилната целосна протеза (позната како вилица). Исто така, кај фиксната и мобилната конструкција со импланти непцето е откриено, а тоа значи подобро вкусување на храната, додека кај мобилната целосна протеза е обратно. Ако забите што недостасуваат се во низа, може да се изработи фиксна мостова конструкција врз имплантите, со што се спречува состружување на соседните заби. Кога недостасува само еден заб, за да се избегне состружување на соседните два, најдобро е да се постави еден имплант.
Кои се придобивките од имплантната терапија?
Статистиката покажува дека дури кај 95 % од случаите имплантната терапија е успешна, а гаранцијата може да биде до 20 години доколку пациентот редовно оди на преглед кај стоматолог и одржува беспрекорна орална хигиена. Иако се поскапи во однос на класичните протетски решенија, имплантите се многу исплатливи на долг рок и нема потреба да се привикнувате на нив бидејќи тие функционираат и изгледаат како природните заби, а со тоа го подобруваат квалитетот на животот и естетскиот изглед на лицето.
Корона дентал


