
Ласерски третман на гингивата
Сè што треба да знаете за ласерска терапија на гингива
Што претставува ласерски третман на гингивата и на кој принцип работи?
Ласерскиот третман на гингивата, всушност, е употреба на ласерски зрак со дијаметар на влакно што ги отстранува само бактериите и воспаленото ткиво, а го зачувува и го негува здравото. Овој зафат е неинванзивен, т.е. нема крвавење или шиење на гингивата (непцето), што не е случај со традиционалниот метод.
Кои проблеми ги решава овој третман?
Овој третман има широка употреба во повеќе гранки од стоматологијата, на пример, орална хирургија, ендодонција, пaрaдонтологија, како и лекување на меките ткива. Хирургијата со висока фреквенција произведува тенки резови, слични на работа со скалпел, без притисок на ткивото и ризик од некроза. Рабовите на раната се остри и стерилни, а заздравувањето е брзо и речиси безболно. Овој начин на хирургија е идеален за гингивектомија и гингивопластика (отстранување на вишокот гингива со цел да се подобри контурата на ткивото околу забите). Исто така, процедурата е погодна за брзо отстранување на фиброми, како и за френектомија и френулектомија (хируршка процедура со која се отстранува ткивната ресичка - френулум, што ги спојува усната и гингивата). Во ендодонцијата, пак, диодниот ласер се применува за деконтаминација на коренскиот канал и лекување пародонтални болести со помош на ласерско зрачење што, всушност, ги убиваа бактериите - главните причинители за парадонтални заболувања. Во естетската стоматологија диодниот ласер може да се примени за активација на материјалите за избелување на забите.
За кого e препорачлива ласерска терапија и колку често треба да се применува?
Ласерски третман на гингивата се препорачува кога постојат индикации кај пациентот, т.е. натечена и раскрвавена гингива, која е потпорен апарат на забите, како и лошиот здив. Најчесто закрепнувањето по третманот трае од две до четири недели, но сепак е индивидуален процес што значи дека зависи од севкупната здравствена состојба на пациентот, како и длабочината на резовите при терапија. Треба да се напомене дека ласерскиот третман се разликува од чистење забен камен што се препорачува за секого - на четири до шест месеци, што не е случај со овој третман.
Што е „gummy smile“ или висока насмевка и дали може да се третира со ласер?
Овој вид насмевка е честа појава и кај многумина влијае на самодовербата. Всушност, високата насмевка е непропорционален сооднос помеѓу гингивата и забите при смеење, што значи дека поголем дел од гингивата е видлива, па забите изгледаат помали. Доколку се пронајдовте во текстот, имаме добри вести за вас! Преку ласерскиот третман се отстранува вишокот гингива, а самиот процес е речиси безболен, заздравувањето е брзо, а новата насмевка значително подобрена. Секако да не заборавиме, отстранетата гингива не расте повторно, што значи дека овој третман нуди решение на долг рок.
Што е избелување или депигментација на гингивата?
Здравата гингива (непца) има корално розова боја, но некогаш, поради генетски фактор или таложење на поголема количина меланин, доаѓа до нејзино потемнување или нерамномерно пребојување. Секако, тоа не значи дека гингивата не е здрава, тука станува збор за естетски проблем што преку ласерската терапија може да се елиминира. Овој процес трае помалку од еден час, а резултатите траат со децении. По третманот, гингивата е сензитивна и се препорачува внимателно четкање на забите и консумирање мека храна во рок од една недела, а, секако, препорачливо е да го избегнете пушење за време на овој период.
Кога и за кого ласерската депигментација на гингива не е препорачлива?
Мора да се напомене дека историјата на болести е клучен дел од секој стоматолошки преглед, па затоа деталната здравствена анамнеза е задолжителна. Конкретно за депигментација на гингивата постојат исклучоци кога овој вид естетска корекција не се препорачува:
потемнување на гингивата како резултат на гингивитис, односно парадонтално заболување,
тенка гингива, т.е. корените на забите се блиску до нејзината површина,
темни корени на забите или видлив коренов имплантен систем,
кога пациентите примаат лекови против згуснување на крвта,
кога пациентите страдаат од фотодерматоза и имаат алергија на локална анестезија.


