Придобивките од новата ера на дигиталната стоматологија

Придобивките од новата ера на дигиталната стоматологија

Технолошкиот напредок во стоматологијата, нејзината дигитализација придонесе во последната деценија на многу повисоко ниво да се издигнат особено естетските протетски изработки, задоволувајќи ги највисоките критериуми за биофункционалност, естетика и благородност на материјалите од кои се изработуваат... На задоволство на сите, како посебен сегмент во кругот пациент - заботехничка лабораторија - стоматолог.

Целиот протокол на дигиталното дизајнирање започнува со интраоралниот скенер, апарат што овозможува дигитално да се скенира состојбата во оралната празнина кај пациентот, без земање класични отпечатоци што се неопходни за да може да се направат сите потребни анализи. Сигурно многумина ќе се согласат дека класичните отпечатоци не им се омилен дел на пациентите, така што оваа новост многу ќе го олесни патот до убава насмевка.

Можеби во изминатиот период луѓето имаа погрешна перцепција за протетските изработки или беа навикнати да се задоволуваат со просечно добри, просечно убави вештачки заби и со тоа им се губеа самодовербата и слободата на спонтана насмевка. Но тоа премногу се смени и денес секако оправдано треба да се бара совршенство од функцијата, естетиката и природноста и кај вештачките заби бидејќи тоа е реалноста, а особено кај безметалните порцелански коронки и ламинати.

Во денешно време со помош на компјутерските софтвери за дизајн на насмевка, пациентите имаат можност да добијат реална слика за својата состојба по добивањето на новите заби, да имаат фотографија со новата насмевка уште пред да се почне со работа, со што стравот од исчекувањето е сведен на минимум.

Таков компјутерски софтвер е DIGITAL SMILE DESIGN-DSD, кој претставува посебен протокол за план на третман што овозможува внимателни и прецизни анализи на лицевите и на денталните структури на пациентот, преку современа компјутерска анализа на фотографија од моменталната состојба на пациентот и скенираните дентални структури. Овие анализи се многу важни и неопходни при задоволувањето на сите естетски и функционални параметри во однос на бојата, формата и поставеноста на новите безметални коронки и ламинати.

Секој пациент што има напукнати заби, раздвоени, пребоени, малку искривени, некогаш преголеми, некогаш премали се совршен кандидат за SMILE MAKEOVER со помош на DSD. И секој пациент што посакува да има совршено убава насмевка, но се плаши од промената на изгледот и како евентуално би се вклопиле новите порцеланските ламинати во неговиот лик е кандидат за овој третман бидејќи токму тоа и го овозможува овој софтвер - да нема никакви непријатни изненадувања на патот до посакуваната холивудска насмевка. Кога пациентот се двоуми дали сака новите ламинати да бидат поприродни или, пак, побели, многу лесно може да се смени нивната боја во дизајнот и пациентот да има реална слика за својот изглед со различна боја на забите.

Затоа со помош на софтверот DSD, пациентот, лекарот и заботехничката лабораторија заедно ја креираат новата насмевка, следејќи ги естетските параметри на линијата на насмевката, биофункционалноста и естетските критериуми на пациентот во согласност со неговата возраст.

Пред каква било интервенција на забите, пациентот има реална слика за евентуално новата насмевка, а подоцна самата изработка е со огромна прецизност во однос на компјутерскиот дизајн бидејќи технолошкиот напредок овозможува тој дизајн директно да се моделира, да се принта машински. Кај некои пациенти не е потребна никаква подготовка на забите, а кај некои има потреба од минимална интервенција, но и тие подготовки може да се направат пред дизајнот, а подоцна само да се пренесат кај пациентот.

Со овој компјутерски софтвер навистина се добива огромна прецизност во изработката на порцеланските коронки или порцеланските ламинати и можност за задоволување на највисоките естетски барања на пациентите, при што однапред се добива реална слика за новата насмевка.

Дигитализацијата во стоматологијата има огромен успех во делот на ортодонцијата, каде што има дигитално пренесување на ортодонтските анализи во софтвер со кој понатаму, со помош на специјалист ортодонт, му се даваат насоки на софтверот за да се направи симулација до завршување на третманот и изработка на потребниот број алајнери, односно т.н. невидливи фолии исправувачи. За пациентите што не се откажуваат од својот комфор, ортодонтските алајнери се соодветен ортодонтски третман без голема ангажираност на пациентот, невидливо, комфорно и брзо.

Со помош на дигиталните софтвери се изработуваат и високо прецизни водачи за поставување мини импланти, класични дентални импланти со што имплантологијата се издигнува на уште повисоко ниво, во однос на планот за терапија, прецизноста во анализата на густината на коската сѐ до крајната протетска изработка што може да биде најспецифична за лекарот специјалист протетичар.

Дигитализацијата во стоматологијата навистина воведува нови повисоки критериуми и веќе ги заменува класичните протоколи со дигитални на задоволство на пациентите, но и на нивните терапевти.

 

Закажете консултација

+389 2 2784 380