
Природна ортодонција
Природна, биодинамична ортодонција - терапија која може да го модификува растот на лицевиот скелет и да ни подари здрава и убава насмевка!
Забите како составен дел од еден комплексен систем имаат интеракција со соседните ткива и подложат на нивното влијание. Доколку ги третираме забите, мислејќи и на околните ткива,организмот секако ќе ни врати со позитивен одговор во процесот на заздравување, а доколку сме инвазивни и ја занемаруваме моќта на природата, организмот ќе ги употреби сите сили на одбрана…И тогаш не сме веќе во соработка со природата…Затоа, сѐ повеќе се отфрлаат инвазивните методи во стоматологијата, вклуцувајќи ја и ортодонцијата.
Најбитната работа која треба да допре до сите наши читатели дека ортодонцијата не ги третира само забите, туку комплетниот мастикаторен апарат, позиционирање на подвижната долна вилица во правилна позиција на черепот, го подобрува дишењето, голтањето на храната, го подобрува квалитетот на животот и, секако, терапијата во случај на потреба, треба да започне многу порано од нашите убедувања ,некаде на возраст од 6 до 7 години доколку детето соработува.
И секако дека ортодонтскиот третман не значи само ПРАВИ заби,бидејќи тие сами по себе не се толку убави доколку не се во хармонија со останатите ткива или доколку после ортодонтскиот треман имаме уште поголема истостувачка болка. Затоа потенцираме дека секој пациент на било која возраст, а особено децата и адолесцентите мора да се третираат со еден биодинамичен пристап кој ќе ни помогне на крајот на третманот освен убава да имаме и здрава и хармонична насмевка. Биодинамична ортодоција, која како и кај секоја друга болест, ќе посвети огромно внимание на причината за истата и нејзиното лекување, а не само третирање на симтомите.
Ортодонцијата како наука, а особено еден биодинамичен пристап го стимулира растот кај децата, а пациентот го третира индивидуално. Во денешно време мора многу повеќе да ѝ се помогне на природата, бидејќи начинот на живот е многу променет, како и условите во кои растат нашите деца, па затоа се почесто правилниот раст на лицевиот комплекс и убаво наредените заби се исклучок, а не редовна појава. Но, мотивирани од тоа да нашето дете има убава насмевка, тргнуваме во борба со повеќе причинители кои како компензаторни механизми го водат растот во погрешна насока.
Еден од најголемите непријатели на правилниот раст и развој на лицевиот скелет е дишењето на уста, што е многу често кај децата во денешно време. Децата патат од алергиски ринити, чести настинки на горните респираторни патишта, зголемени крајници и сето тоа води кон преобраќање на дишењето на уста, бидејќи поинаку е невозможно, а тогаш започнува маѓепсаниот круг во кој симптомите само се влошуваат. Јазикот паѓа долу, горната вилица останува недоразвиена, нема простор за сместување на сталните заби, долната вилица останува блокирана во задниот дел, заглавена како во тесен чевел, зглобот кој ја држи долната вилица, исто така, е заглавен во черепот, компензаторно организмот го искривува првиот вратен пршлен и настанува кифоза кај деца во развој. И уште многу последователни состојби, неблагодарни за генералното здравје на нашето дете, а секако, отежнатото дишење низ тесните носни ходници уште повеќе е во интеракција со кривите заби кај детето, односно би рекле дека кривите заби се последица или симптом на генерални заболувања кои мора да се третираат.
Кога не би размислувале за интеракцијата на забите и околните ткива, па и целиот организам во нашето тело, тогаш конвенционалната ортодонтска терапија би била поинвазивна и би пристапила кон вадење на заби за да ги сместиме преостанатите заби во низата и да ја добиеме толку посакуваната насмевка, со што ќе ги направиме родителот и детето среќни. Но, во тој случај сме решиле само еден естетски проблем - забите не се веќе криви, но лицето не е привлечно, бидејќи вилицата останала мала и недоразвиена, долната заглавена, дишењето е уште отежнато, може да се јави хронична болка поради притиснатата позиција на зглобот. Значи, генерално не сме направиле никаков третман.
Затоа се става сѐ поголем акцент на биодинамичниот пристап на ортодонтскиот третман, каде се посветува огромно внимание на причините и откочување на механизмот на маѓепсан круг во процесот на зараснување. Сакаме да го ослободиме дишењето на нос, да овозможиме проширување на горната вилица, нејзин непречен раст, придвижување на долната вилица кон напред, ослободување и центрирање на темпоромандибуларниот зглоб, спонтано проширување на носните ходници и подобрено дишење, исправање на ‘рбетниот столб и добивање на хармонично и убаво лице со атрактивна насмевка.
Во текот на третманот родителите се редовно изненадени од моќта на терапијата да го промени лицето на нивното дете. Во случајов, само сме ѝ помогнале на природата да го направи своето. Биодинамичната ортодонција, освен посветеноста на еден интегративен третман, секако мора да биде нежна, со благи физиолошки сили кои нашиот организам ќе ги препознае како природни и нема да се брани од тоа што му го „сервираме“. Ќе биде наш сојузник и третманот ќе оди во посакувана насока за сите - и за терапевтот, и за детето-пациент, и за родителот. На крајот на третманот сите страни мора да бидат задоволни, бидејќи освен естескиот момент, пациентот треба да чувствува благосостојба без болка и ограничувања, а терапевтот да биде сигурен дека долната подвижна вилица забите ја водат на право место. Дури тогаш третманот е успешен и во склад со нашето тело.


