
ПРИРОДНО УБАВАТА И БЕЛА НАСМЕВКА е најдобриот моден додаток што можете да си го посакате!
ПРИРОДНО УБАВАТА И БЕЛА НАСМЕВКА е најдобриот моден додаток што можете да си го посакате! - д-р Сашка Благоевска
Бронзен тен и БЕЛА насмевка! Најпосакуваната комбинација во летниот период! На природно убавата насмевка ѝ е потребно мало освежување за да блесне во целосен сјај. Таа е првото нешто што луѓето ќе го забележат кај вас и, секако, тоа е најмоќното оружје за зголемување на вашата самодоверба и оставање силен впечаток кај оние што првпат ќе ве сретнат.
Поради тоа, една од најбитните, најефективните и најчесто применуваните процедури во естетската стоматологија, кога сакаме разубавување на нашата природна насмевка, е неинвазивното, безболното и апсолутно безбедното БЕЛЕЊЕ НА ЗАБИТЕ и тоа кога се прави под стручен надзор.
Белењето на забите претставува едноставна процедура со која се отстрануваат сите дисколорации од површината на забите, наталожени со консумирање, пред сѐ, на пијалаци, како што се кафе, чај, црвено вино, но притоа и забите добиваат посветла боја. Чадот од цигарите ги темнее забите, но и самиот процес на стареење е причина за нивно пожолтување. Затоа постојат многу начини на белење на забите што ќе бидат успешни во постигнување на целта - избелување на насмевката. Во зависност од почетната нијанса на забите вашиот лекар ќе ви го предложи најдобриот метод за вашиот случај.
Постојат два главни начина за белење на забите, и тоа:
• Ординациско-професионално белење на забите во ординација со примена на ласер, под надзор на стручно лице, како што се ZOOM ADVANCED POWER, WHITE SMILE, OPALESCENCE;
• Домашно белење на забите со производи од реномирани фирми или индивидуално изработени силиконски подлоги (tray) во кои се става гел за домашно белење, но повторно под надзор на стручно лице.
Многу е важно на пациентот да му се објасни дека во сите случаи крајниот успех од белењето на забите зависи од почетната нијанса на забите што се одредува пред самиот третман. Белењето претставува кумулативен процес, а тоа значи дека треба да се повторува и секој нареден пат нијансата ќе биде посветла и посветла, а потоа следува период на одржување на добиениот резултат бидејќи доколку не се повторува во одредени временски интервали, секое белење е природно реверзибилен процес и забите повторно ќе се вратат на почетната нијанса.
Кај двата главни типа на белење на забите се користи гел на база на водороден пероксид или карбамид пероксид со различна концентрација.
Геловите за ординациско ласерско белење на забите се со поголема концентрација, а се активираат со ласерска енергија за побрз и подобар ефект во разградувањето на пигментите. Процедурата трае од еден до два часа, а во тој период се постигнуваат од шест до осум нијанси посветли заби и разликата веднаш се забележува. Единствена непријатност што може да се почувствува е мала чувствителност на забите по завршувањето на процедурата и тоа трае само еден ден, кога белењето се изведува со добри системи што имаат заштита за глеѓта на забите, со премачкување со гелови на база на аморфен калциум фосфат.
Кај домашното белење на забите се користат гелови со послаба концентрација и поради тоа, во зависност од поттипот што сме го избрале, процедурата трае од 10 до 14 дена, при што се постигнува постепено избелување на забите.
За да се постигнат најдобри резултати професионална препорака е да се направи ординациско белење на забите и веднаш да се изработат индивидуални подлоги и да се продолжи со домашно белење на забите за стабилизирање на нијансата или зголемување на белината на насмевката. Процедурата може да се повтори по одреден временски период, а за тоа процена ќе даде вашиот стоматолог според структурата на вашите заби.
Идеални пациенти за оваа процедура се оние што имаат природно убава насмевка, без многу пломбирани заби во предниот дел, без коронки или авитални заби бидејќи тие не ја менуваат бојата, па нема да се постигне хармонична насмевка. Белењето на авиталните заби е посебна процедура, но најчесто тие повторно брзо потемнуваат, така што кај овие пациенти потребно е да направат други процедури од естетската стоматологија.
Сепак, најважно е да се напомене дека кога се работи под надзор на стручно лице, процедурата на белење на забите е апсолутно безбедна и не ги оштетува. Затоа и толку е распространета низ целиот свет и претставува рутинска и секојдневна постапка. А тоа е официјален став на Американската дентална асоцијација. Слободно пристапете кон оваа процедура и дајте ѝ свежина на вашата насмевка! Но, секако, дури и совршената бела насмевка нема да биде магична без нејзината внатрешна убавина што зрачи само доколку е искрена! Поради тоа, во овој летен период ПОДАРЕТЕ ИСКРЕНА И ТОПЛА НАСМЕВКА!


