Што ни покажуваат искривените запчиња и неправилниот загриз кај нашите деца!

Што ни покажуваат искривените запчиња и неправилниот загриз кај нашите деца!

Што е нормално, а што ортодонтска малоклузија кога кај 93 % од децата во развој има потреба од ортодонтска терапија, чија цел е да го насочи лицевиот раст во правилна насока, да го стимулира растот, да ги тренира фацијалните мускули, да ги коригира неправилните функции кај детето, да превенира сериозни здравствени проблеми и да создава правилни и хармонични лица. Зошто ортодонтската неправилност станува редовна појава, а правилната оклузија се среќава во исклучително ретки случаи...
Во развивањето на ортодонтската неправилност, освен генетската предиспозиција (односно наследниот фактор), секако големо влијание имаат околината, лошите навики кај децата (како цицање прст или подолго цицање цуцла, туркање на јазикот), неправилно дишење и неправилно голтање, кои можеби се една негативна придобивка на цивилизацијата и на модерното време...
Интересно е дека нашите предци и другите видови цицачи имале совршено наредени заби. Во последните 10.000 години, иако нашите гени останале непроменети, како што напредувала цивилизацијата кај луѓето, така тие сѐ повеќе развивале ортодонтски неправилности. Нивото на неправилностите било пропорционално со нивото на развојот на цивилизацијата, а последните 100 години забележуваме огромен пораст на ортодонтски аномалии. Тоа ни укажува на фактот дека околината и начинот на живеење играат огромна улога во развивањето на овие неправилности на забите и изгледот на лицето.
Забите и коските на лицето се наоѓаат помеѓу мускулите на јазикот и надворешно мускулите на образите, усните... Кога не постои баланс помеѓу овие мускули, тогаш настануваат неправилности на забите и лицевите коскени структури... Бидејќи мускулите се тие што имаат сила да ги моделираат коските.
Неправилното голтање и неправилното дишење се проследени со неправилно држење на телото и тоа се двете најважни функции кај детето, чија неправилност придонесува за искривување на запчињата и за лицева неправилност.
Кога голтањето е правилно, тогаш мускулите околу усните и образите треба да бидат сосема пасивни... Не треба да има никаков напор и контракција на овие мускули - состојба што често ја гледаме кај децата. Што се случува? Постои инфантилно голтање што му помага на бебето да цица од мајката, кое е нормално и физиолошки, но во моментот кога тоа почнува да јаде потврда храна треба спонтано да се промени во зрело голтање... Но бебињата продолжуваме да ги храниме со мека, кашеста храна што продолжуваат да ја цицаат наместо да ја џвакаат и тоа го фаворизира продолженото инфантилно голтање, кое потоа продолжува во психолошка навика и никогаш целосно не се преобразува во зрело голтање на храната... Тогаш мускулите околу устата се во постојана контракција, при секој акт на голтање јазикот се вметнува помеѓу забите и нивната секојдневна сила има големо влијание врз моделирањето на коските на лицето кај детето што е во раст и развој.
Фаворизирањето на меката исхрана, која калориски е многу богата за разлика од храната на нашите предци, доведува до сѐ помало користење на нашиот мастикациски апарат за мелење на храната, а неговата помала употреба значи помала мускулна активност што, секако, се гледа во лицата на современиот човек.
Кога дишењето е правилно, детето мирно спие, учи, црта - со затворена уста! Носните ходници на детето треба секогаш да бидат проодни за мирно дишење на нос. Но во современото време децата сѐ повеќе страдаат од чести респираторни инфекции на горните дишни патишта и блокада на носните ходници, често има и алергиски ринитис, а сето тоа придонесува детето да биде принудено да ја отвори устата и да го спушти јазикот за да може нормално да дише. И тогаш се случува дисбаланс! Јазикот не се наоѓа горе на непцето за да може да дејствува горната вилица да се развие правилно, туку е паднат долу, а на горната вилица однадвор дејствуваат само мускулите на образите што не дозволуваат таа да се развие и прошири. А во тесна горна вилица, слично како во тесен чевел, не може ни долната вилица да си дојде понапред, како што е правилниот развој, па останува заглавена одзади, а нејзиниот подвижен зглоб е заглавен во черепот. Неправилната позиција на тој зглоб придонесува да настане искривување на вратните прешлени и да се појави неправилно држење на телото кај детето и, што е уште поважно, се стеснуваат дишните патишта, па децата, како и возрасните, развиваат слип апнеја (sleep apnea), а сето тоа води кон сериозни здравствени нарушувања.
Нашиот организам е една целина, секоја неправилност влијае врз нешто друго... Затоа искривените заби што не може правилно да се сместат во тесната вилица не претставуваат само естетски проблем туку тие се последица на сериозни здравствени проблеми. Родители, набљудувајте ги вашите деца, а современата ортодонција не ги третира само забите туку може да го пренасочи растот на лицевите структури кај вашето дете, да се коригираат неправилните функции, да се подобри дишењето на детето, да му се обезбеди мирно спиење и да се овозможи да порасне во тинејџер со правилно лице.
Раниот ортодонтски третман на возраст од шест години ни овозможува да се избориме со негативните придобивки на современото живеење. Поради тоа, не чекајте детето да порасне, па потоа да носи фиксна протеза! Во вакви случаи фиксниот ортодонтски третман ќе биде често како аналгетик за спречување на болка. Мора да дејствуваме на причината за подобро здравје на вашите деца. Периодот од шест до 13 години, кога детето интензивно расте и се развива, истовремено со неговите лицеви коски, е време кога и ние сме во можност да го стимулираме растот во правилна насока!
Ортодонцијата го третира лицето, а не само забите! Станува збор за ортодонција што превенира сериозни здравствени проблеми, која му помага на вашето дете да има мирен сон, да дише слободно со полн капацитет, да има правилно држење на телото, да не страда од чести главоболки, да биде среќно. Желбата на секој родител е да му помогне на своете дете да порасне во здраво дете, со правилно и хармонично лице. Затоа набљудувајте ги и сериозно сфатете ги овие знаци!

Закажете консултација

+389 2 2784 380