ТЕМПОРОМАНДИБУЛАРНА ДИСФУНКЦИЈА

ТЕМПОРОМАНДИБУЛАРНА ДИСФУНКЦИЈА или НАРУШУВАЊЕ НА ФУНКЦИЈАТА НА ВИЛИЧНИЧНИОТ ЗГЛОБ-ТМЗ

Темпоромандибуларниот зглоб (виличниот зглоб - ТМЗ) ја поврзува долната вилица со коските на черепот и претставува единствен подвижен зглоб на главата. Тој е еден од најсложените зглобови во нашето тело и се состои од глава на мандибулата и вдлабнување во темпоралната коска од черепот, меѓу кои е вметнат еден зглобен диск што служи како амортизер за подобро распределување на оптоварувањето, притисокот што го трпат зглобните структури и придонесува за нивно подобро прилегнување.

Сите движења што ги прави нашата долна вилица се одвиваат со ротација на главата на мандибулата, лизгање на главата по зглобниот диск и лизгање на дискот по вдлабнувањето на темпоралната коска. Сето ова му овозможува на човекот да ги прави најсложените движења на вилицата при џвакање и мелењето на храната што е основна функција на зглобот, а притоа во исполнување на таа функција учествуваат и мускулите за џвакање што се одговорни за започнување на овие движења и лигаментите што ги поставуваат границите на овие движења за да ги заштитат злобните структури од оштетување.

Во физиолошки услови сите делови на зглобот функционираат усогласено и овозможуваат непречено движење на долната вилица за создавање сила што е потребна за функцијата на џвакање.
Нарушувањето во градбата или во функцијата на кој било дел од зглобните структури придонесува за нарушување на функцијата на целиот зглоб, а последиците се чувствуваат во целото тело. Таквите отстапувања од нормалната функција на зглобот се збир на симптоми што се нарекуваат ТЕМПОРОМАНДИБУЛАРНА ДИСФУНКЦИЈА (ТМД). А ТМД, односно нарушената функција на ТМЗ поради близината на многу кранијални нерви и артериски садови, како и други витални функции доведува до комплетна дисхармонија во целото тело.
Дали можеби и Вие ги чувствувате следниве симптоми: Болка во пределот на зглобот, чуден звук-клик при отворање на устата и нејзино ограничено движење, болки и вкочанетост во вратот и во грбот, вртоглавица и вознемирувачко брмчење во ушите, чести главоболки што започнуваат од пределот околу очите, проблеми со џвакањето и голтањето и, можеби најважното, искривување на ‘рбетот кај децата во раст и развој.

Во најголем процент нарушувањата на структурата и на функцијата на зглобот потекнуваат од неправилното поклопување на горните и долните заби, кои принудно ја носат долната вилица во неправилна позиција на ТМЗ, па оттаму настанува компресија на зглобните структури што, пак, ги афектираат и околните нерви и артериски садови.
Поради тоа, многу завршени ортодонтски случаи се подложени на повторен ортодонтски третман токму поради неправилното позиционирање на долната вилица, односно неправилното позиционирање на зглобот во черепната јама.

Многу завршени комплетни протетски реконструкции на забалото, иако ги задоволуваат естетските барања на пациентите, тие никако не се чувствуваат добро и подлежат на повторен третман со правилно позиционирање на ТМЗ, односно правилно поставување на долната вилица. При секојдневното џвакање на храната во таква принудна позиција само ќе се влошуваат симптомите и дополнително ќе се оштетуваат зглобните структури. Симптомите секогаш започнуваат со благи болки, крцкање во пределот на зглобот, но долготрајното оштетување на зглобните структури доведува до неиздржливи болки и тегоби што понекогаш значат и иреверзибилни оштетувања.
Современите дијагностички методи ни овозможуваат прецизно поставување на дијагноза и понатамошна соодветна терапија.
Поради тоа, никако не треба да се занемарува проблемот бидејќи не е во прашање само естетиката.
Дознајте дали ТМД е причина за вашата болка што ве истоштува со години бидејќи состојбата може само да се влоши, а постои терапија за ТМД.
Терапијата за ТМД започнува со првично отстранување на болката, ослободување на зглобот од компресија, ослободување на спазмата на мускулите со т.н. водени перничиња. Понатаму изработка на ортодонтски сплинтови за корекција на позицијата на долната вилица и ТМЗ во черепната јама, со цел регенерација на зглобните структури и примена на ласерска терапија. Последователно, коригирање на оклузијата со правилна протетска реконструкција или правилна ТМЗ водена ортодонтска терапија за правилно поставување на ТМЗ во черепната јама.

(д-р Сашка Благоевска)

Закажете консултација

+389 2 2784 380